Глад и политика
САД - Обединетите нации предупредија дека акутната несигурност во храната најверојатно „нагло ќе се зголеми“ до крајот на годинава во 19 „жаришта на глад“ ширум светот делумно поради војната на Русија против Украина. Во заедничкиот извештај издаден денеска од Организацијата за храна и земјоделство на ОН и Светската програма за храна се наведени војната во Украина и другите конфликти, климатските екстреми, раселувањето на луѓето и економската нестабилност како „клучни двигатели“ на глобалната несигурност на храна.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Севернокорејските власти негираа дека и испорачувале оружје на Русија, објавија денеска државните медиуми, откако САД пред неколку недели соопштија дека Москва бара од Пјонгјанг оружје за да ги надополни резервите исцрпени од инвазијата врз Украина. „Никогаш претходно не сме извезувале оружје или муниција во Русија и немаме планови да го сториме тоа“, изјави неименуван претставник на Министерството за одбрана, пренесе севернокорејската новинска агенција КЦНА.
ИРАН - Најмалку 17 лица се убиени во немирите низ Иран поради смртта на младата жена Махса Амини (22). Амини почина минатата недела во притвор, откако беше приведена од моралната полиција за наводно носење хиџаб на „непримерен“ начин, а веста за нејзината смрт предизвика бес во јавноста.
МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за поглавјето 24-Правда, слобода и безбедност, пред претставниците на Европската комисија го најави потпишувањето на Договорот со Фронтекс, информира владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП).
СРБИЈА - Авиокомпанијата Ер Србија (Ер Србија) објави дека во медиумите и на социјалните мрежи се објавени невистинити тврдења за цените на билетите на нејзините летови меѓу Белград и дестинации во Руската Федерација.
ФРАНЦИЈА - Францускиот министер за одбрана Себастијан Лекорну изјави дека Франција ќе продолжи да ја поддржува Украина во оружје и воена обука, пренесе Ројтерс. „За тоа е потребна соработка во рамките на НАТО алијансата“, рече Лекорну по средбата со германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт во Берлин.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Петмина британски воени заробеници кои Русија ги ослободи во размена со Украина пристигнаа во Велика Британија, објави Ројтерс. Како што објави агенцијата, непрофитната организација „Президиум Нетворк“, која врши евакуација на семејства и поединци од воените зони, соопштила дека станува збор за Ејден Аслин, Шон Пинер, Џон Хардинг, Дилан Хили и Ендрју Хил.
КОСОВО - Заменик-командантот на мировната мисија на НАТО КФОР на Косово изјави дека Алијансата е „подготвена да дејствува“, па дури е подготвена и да го зголеми бројот на војниците доколку избувнат проблеми во услови на спорот меѓу Косово и Србија за издавањето регистарски таблички за автомобилите.
МАКЕДОНИЈА - Само граѓаните на оваа земја може да кажат што е закана за македонскиот идентитетот, тоа не може да го каже никој од страна, ниту ЕУ, ниту САД, изјави денеска професор Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс од САД при неговата посета на Скопје. Професорот вели дека земјава има закана од Бугарија, која не ја признава македонската историја и македонскиот идентитет и со тоа го нарушува духот на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија.
РУСИЈА - Бројни Руси брзаат да резервираат билети во еден правец за излез од земјата, откако претседателот Владимир Путин нареди делумна мобилизација на воените резервисти за војната во Украина.Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во телевизиско интервју изјави дека првично ќе бидат мобилизирани 300.000 резервисти со соодветно борбено искуство. Цените на билетите вртоглаво пораснаа поради очигледните стравувања дека границите на Русија наскоро би можеле да бидат затворени или дека Путин може да најави општа мобилизација.
УНГАРИЈА - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјавил на неговата владејачка партија Фидес дека санкциите против Русија воведени од Европската унија треба да бидат укинати, објави провладиниот дневен весник Маѓар Немзет. Владиниот портпарол Золтан Ковач ги потврди коментарите во одговорот до Ројтерс. Орбан, кој е остар критичар на санкциите на ЕУ кон Москва поради нејзината инвазија врз Украина, го изјави ова на состанокот зад затворени врати на членовите на неговата партија во средата, пред почетокот на есенската политичка сезона.
ЕУ - Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија Жозеп Борел, доцна синоќа во Њујорк изјави дека ЕУ размислува за нови санкции против Русија по „ескалацијата“ што ја најави Москва. Борел ова го изјави по неформалниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Њујорк, одржан на маргините на генералната дебата на заседанието на Генералното собрание на ОН. Министрите на средбата изјавија дека најостро ја осудуваат „последната ескалација на Русија“.
УКРАИНА - Ситуацијата во украинската нуклеарна централа Запорожје дополнително се влошува, предупреди генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, додека Украинците ги обвинија руските сили за повторно бомбардирање на централната канцеларија. „Ситуацијата се влошува и не можеме да си дозволиме луксуз да чекаме да се случи катастрофа“, рече Гроси по состанокот во француското претставништво во ОН.