Расте бројот на загинати на протестите во Иран

илустрација од протестите во Иран, септември 2022

Најмалку 17 лица се убиени во немирите низ Иран поради смртта на младата жена Махса Амини (22).

Амини почина минатата недела во притвор, откако беше приведена од моралната полиција за наводно носење хиџаб на „непримерен“ начин, а веста за нејзината смрт предизвика бес во јавноста.

Очевидци на нејзиното апсење изјавија за новинарите дека Амини била претепана во комбе со морална полиција додека да биде однесена во притворот. Иранските власти ги негираа обвинувањата.

„Смрт за диктаторот“ и „Жена, живот и слобода“, скандираа демонстрантите во најголемиот бран протести во речиси три години.

Американското Министерство за финансии ја стави моралната полиција на „црна листа“ на санкции, сметајќи ја одговорна за смртта на Амина и обвинувајќи ја за „злоупотреба и насилство врз иранските жени и кршење на правата на мирните ирански демонстранти“.

Некои Иранки си ги запалија шаловите и симболично си ја потстрижаа косата во знак на протест против строгите кодекси на облекување на солидарните протести од Њујорк до Истанбул.

Невладината организација за човековите права на Иран со седиште во Осло објави дека најмалку 31 лице е убиено во обидите да се задушат протестите, кои траат веќе шест ноќи во повеќе од 30 градови во Иран.

„Иранците се собраа „да ги остварат своите основни права и човечко достоинство... а владата на нивниот мирен протест одговара со куршуми“, обвини директорот на организацијата Махмуд Амири-Могадам.

Безбедносните сили пукаа во толпата со птичји и метални пелети и употребија солзавец и водени топови, соопшти Амнести интернешенел.

Демонстрантите фрлаа камења по нив, запалија полициски автомобили и извикуваа антивладини слогани, објави официјалната новинска агенција ИРНА.

Иранската влада речиси целосно го блокираше интернетот.

NetBlocks, набљудувачка група со седиште во Лондон, соопшти дека Иран во моментот е подложен на најстрогите ограничувања на интернет од насилните протести во ноември 2019 година поради скокот на цените на бензинот.