Франција и Германија ја продолжуваат воената поддршка за Украина

илустрација

Францускиот министер за одбрана Себастијан Лекорну изјави дека Франција ќе продолжи да ја поддржува Украина во оружје и воена обука, пренесе Ројтерс.

„За тоа е потребна соработка во рамките на НАТО алијансата“, рече Лекорну по средбата со германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт во Берлин.

Како што пренесува Ројтерс, Ламбрехт изјавила дека делумната мобилизација во Русија нема да ја намали германската воена поддршка за Киев.

„Реакцијата на рускиот претседател Владимир Путин на успесите на Украина не охрабрува да продолжиме да го поддржуваме Киев“, рече Ламбрехт.

Во интервју за француската телевизија БФМ, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека официјалната цел на Париз останува да постигне мир во Украина.

„Франција сака Украина да се спротивстави на руските напади и да го врати суверенитетот“, додаде Макрон.

Министрите за надворешни работи на Групата седум (Г7) на најразвиените светски економии на состанокот во Њујорк ја потврдија својата подготвеност да продолжат со соработката за давање поддршка на Украина, изјави јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши.

„Потврдивме дека земјите од Г7 работат заедно за да ја поддржат Украина и да одговорат на кризата со храна и енергија“, изјави Хајаши на прес-конференција.

Како што потсетува Ројтерс, оваа изјава доаѓа по најавата на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на 21 септември дека ќе ја изврши првата воена мобилизација по Втората светска војна.