Петмина ослободени украински затвореници пристигнаа во Велика Британија

илустрација

Петмина британски воени заробеници кои Русија ги ослободи во размена со Украина пристигнаа во Велика Британија, објави Ројтерс.

Како што објави агенцијата, непрофитната организација „Президиум Нетворк“, која врши евакуација на семејства и поединци од воените зони, соопштила дека станува збор за Ејден Аслин, Шон Пинер, Џон Хардинг, Дилан Хили и Ендрју Хил.

Се додава дека Аслин и Пинер биле заробени од проруските сили во Мариупол во април и осудени на смрт од судот во самопрогласената Народна Република Донецк во источна Украина.

Агенцијата потсетува дека заедно со Мароканецот Брахим Садун се прогласени за виновни за „платеничка активност и дејствија насочени кон преземање на власта и уривање на уставниот поредок на Народната Република Донецк“. Таа казна подоцна беше критикувана и осудена од официјален Киев и Лондон.

Хили, Британец кој беше хуманитарен работник во Украина, беше приведен во април заедно со Пол Ури, кој подоцна почина во притвор. Британската агенција потсетува дека Хардинг и Хил се бореле заедно со украинските сили и дека сите тројца негирале дека се платеници.

На 21 септември Русија и Украина извршија размена на затвореници, најголема од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, во која беа опфатени околу 300 лица, меѓу кои десет странци и команданти на украинската одбрана во Мариупол. Таа група вклучува двајца Британци и еден Мароканец кои беа осудени на смрт во јуни откако беа заробени за време на борбите во Украина. Покрај нив, ослободени се уште тројца Британци, двајца Американци и еден Хрват и еден Швеѓанец.

Украина ослободи 55 Руси и проруски Украинци, како и Виктор Медведчук, лидерот на забранетата проруска партија, кој се соочуваше со обвиненија за предавство.