Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија Жозеп Борел, доцна синоќа во Њујорк изјави дека ЕУ размислува за нови санкции против Русија по „ескалацијата“ што ја најави Москва. Борел ова го изјави по неформалниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Њујорк, одржан на маргините на генералната дебата на заседанието на Генералното собрание на ОН. Министрите на средбата изјавија дека најостро ја осудуваат „последната ескалација на Русија“.
Западот ја осуди руската мобилизација и плановите за референдуми во Украина
„Ќе продолжиме да ја зголемуваме нашата воена помош и да ги проучуваме новите рестриктивни мерки против Русија“, рече Борел. Вчера во Русија стапи на сила наредбата на претседателот Владимир Путин за делумна мобилизација на резервистите за пополнување на силите во војната во Украина. Путин вети поддршка за одржување референдуми во сепаратистичките републики Луганск и Доњецк, како и во регионите Керсон и Запорожје во Украина за приклучување кон Русија. Тој додаде дека руското оружје е помодерно од тоа на НАТО и дека доколку постои закана за територијалниот интегритет на Русија, ќе бидат искористени сите средства.