Зеленски во говорот во ОН побара казна за Русија

USA – Украинскиот претседател Володимир Зеленски во снимено обраќање на 77-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, 21 септември 2022 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во говорот пред Генералното собрание на ОН побара „праведна казна“ за Русија за злосторството што го направи против неговата земја. Зеленски е единствениот државник кому Генералното собрание му дозволи да зборува преку видео врска. Војната во Украина доминира во говорите во ОН, на седницата што се одржува речиси седум месеци од почетокот на руската офанзива во Украина, која е најголемиот воен конфликт во Европа од Втората светска војна. „Направено е злосторство против Украина и бараме праведна казна“, рече Зеленски, додавајќи дека Украина нема друг избор освен да се брани. „Не ја сакавме оваа војна, имавме 88 рунди разговори од почетокот на моето претседателство до 24 февруари оваа година“, рече Зеленски.

Западот ја осуди руската мобилизација и плановите за референдуми во Украина

Зеленски рече дека одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги мобилизира резервистите покажала дека Москва не е сериозна за завршување на својата речиси седуммесечна војна. „Можеме да го вратиме украинското знаме на целата наша територија. Можеме да го направиме тоа со оружје. Но, ни треба време“, рече тој, додека е во тек украинската контраофанзива за ослободување делови од територијата што ја контролира Русија.

Путин: Западот сака да ја уништи Русија

Зеленски не зборуваше детално за развојот на настаните и оцени дека секој руски разговор за преговори е само тактика на одложување и дека постапките на Москва зборуваат погласно од нејзините зборови. Тој оцени дека Москва сака да ја помине зимата подготвувајќи ги силите во Украина за нова офанзива или барем да се зацврсти со мобилизација на повеќе војници. Тој ги повика светските лидери да и го одземат правото на глас на Русија во меѓународните институции и правото на вето во Советот за безбедност на ОН, велејќи дека агресорите мора да бидат казнети и изолирани.