Бајден - Руската инвазија на Украина е навреда за Повелбата на ОН

Американскиот претседател Џо Бајден во ОН.

Американскиот претседател Џо Бајден на светските лидери во Обединетите нации во Њујорк им рече дека Русија „бесрамно ги прекршила основните начела“ на Повелбата на ОН со нејзината „брутална, непотребна војна“ во Украина.

Американскиот претседател, говорејќи на годишното Генерално собрание на ОН, денеска рече дека обидот за „бришење на суверена држава од картата“ од страна на член на Советот за безбедност на ОН е навреда за срцето на она за што се залага ОН.

„Голата агресија“ на Русија во Украина е за „згаснување на правото на Украина да постои како држава“, рече Бајден, додавајќи дека извештаите за злоупотребите наводно извршени од руски војници врз цивили „треба да ви ја заладат крвта“.

Изнесувајќи го цврстиот укор за руската инвазија, Бајден, исто така, ја потврди поддршката на САД за напорите на Украина да се одбрани.

„Ќе се солидаризираме против руската агресија, точка“, рече Бајден.

Неговиот говор дојде неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин најави делумна воена мобилизација и го предупреди Западот дека „не е блеф“ тоа што Русија ќе ги искористи сите средства што и се на располагање за да ја заштити својата територија.

Бајден рече дека нуклеарните закани на Путин против Европа покажале „непромислено непочитување“ на одговорностите на Русија како потписничка на Договорот за неширење на нуклеарното оружје.

Бајден, исто така, одговори на плановите на функционерите инсталирани од Москва во регионите окупирани од Русија во источна и јужна Украина да одржат гласање за приклучување во Русија, критикувајќи ги како „лажни“ референдуми.

Бајден ги повика сите нации да се изјаснат против руската инвазија и да ги зајакнат напорите на Украина да се одбрани.