Затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални остро го критикуваше претседателот на Русија Владимир Путин, а опозициска група исто така повика на протести низ целата земја, откако рускиот лидер нареди воена мобилизација поради неодамнешните руски воени загуби во Украина за време на украинската воена контраофанзива.
Навални, во видео порака снимена од затвор и објавена на социјалните мрежи страна на неговите адвокати, рече дека Путин испраќа повеќе Руси во смрт поради неуспешната војна.
„Јасно е дека криминалната војна се влошува, се продлабочува, а Путин се обидува во тоа да вклучи што повеќе луѓе“, рече Навални.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу за руските државни медиуми изјави дека може да бидат повикани до 300.000 лица, а да се мобилизираат само оние со соодветно борбено и службено искуство.
Во меѓувреме, опозициското движење Весна денеска повика на национални протести, велејќи: „илјадници Руси - нашите татковци, браќа и сопрузи - ќе бидат фрлени во мелницата за месо на војната. За што ќе умираат? За што ќе плачат мајките и децата?“
Набргу по обраќањето на Путин, руските медиуми објавија нагло зголемување на побарувачката за авионски билети во странство, поради очигледниот обид за заминување и покрај превисоките цени на летовите.