Нуклеарната централа Запорожје во Украина, која е окупирана од Русија, во текот на ноќта била под руски оган, што предизвикало прекин на електричната енергија во објектот, соопшти украинската државна агенција задолжена за централата. Во соопштението објавено денеска на социјалните мрежи, Енерхоатом наведува дека гранатирањето ја оштетило опремата на единствениот реактор кој работи во најголемата нуклеарка во Европа. „Поради губење на струја, дојде до итно стартување на два дизел генератора на безбедносните системи за да се обезбеди работа на пумпите за ладење на горивото“, се вели во објавата на Енерхоатом.
Киев ја обвини Русија за ракетен напад врз уште една нуклеарна централа
Руските окупаторски сили ја презедоа контролата врз фабриката набргу откако рускиот претседател Владимир Путин им нареди на војниците да ја нападнат Украина на 24 февруари. Нуклеарната централа Запорожје со месеци е во фокусот на загриженоста поради стравувањата дека гранатирањето може да доведе до истекување на радијација. Украина и Западот ја обвинуваат Русија за распоредување тешко вооружување на локацијата, знаејќи дека Украина најверојатно нема да пука врз неа. Москва ги негира тие наводи, но се спротивстави на напорите за демилитаризација на областа со цел да се избегне еколошка катастрофа. На 20 септември во блискиот град Енерходар, окупиран од Русија, гранатирањето оштети систем за ладење, трпезарија за персоналот и неодредена „специјална зграда“, се вели во соопштението на градската управа. Нема повеќе детали за штетата.