Пензии, вируси, политика...

РУСИЈА - Русија ќе продолжи да ја поддржува Србија во заштита на нејзините права и интереси, изјави претседателот на Русија Владимир Путин на 20 септември во Москва.

ЦРНА ГОРА - Мнозинство пратеници во црногорското Собрание писмено го информираа претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, дека е постигнат политички договор Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на нова влада, ден по истекувањето на предвидениот рок. Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, претходно не го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада.

ЕУ - Пандемијата на ковид-19 не е завршена. Планираната кампања за вакцинација во регионот за време на зимската сезона е клучна за борба против пандемијата, изјави официјален претставник од регулаторот за лекови на Европската унија, Европската агениција за лекови (ЕМА).

МАКЕДОНИЈА - Повисоки пензии за 6,8 отсто ќе добијат пензионерите со исплата на септемвриската пензија чија исплата ќе започне од 29 септември. На пример пензионер што има 12 илјади денари пензија, со покачувањето ќе добие плус 816 денари. Зголемувањето на пензиите е согласно методологијата одобрена во март годинава.

МАКЕДОНИЈА - Ограничувањето на маржите на основните прехранбени производи ќе важи до крајот на годината, одлучи Владата на денешната седница постапувајќи по предлог на Министерството за економија. Таква одлука е донесена оти состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани. Мерката за ограничување на маржите требаше да важи до крај на септември, но со новата одлука е продолжена за уште три месеци.

РУСИЈА - Соработничка на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални се соочува со казна затвор од 18 години, откако доби конечни обвиненија за учество во активности на екстремистичка организација и екстремизам.
Истрагата против Лилија Чанишева е завршена и нејзините адвокати почнаа да ги проучуваат материјалите за случајот, напиша соработникот на Навални, Иван Жданов, на 20 септември на социјалната мрежа Телеграм.

САД / КОСОВО - НАТО е подготвен да ги зголеми трупите во Косово доколку повторно се разгорат тензиите како што се приближува крајниот рок околу документите за автомобили, изјави денеска заменик командантот на мировната мисија КФОР, бригадниот генерал Лука Пиперни. „Ние сме будни и подготвени да дејствуваме ако имаме зголемување на тензиите, но можеме да повикаме резервни сили за кратко време“, изјави Пиперни во штабот на КФОР во Приштина.

УКРАИНА / РУСИЈА - Еден од главните сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Медведев, денеска изјави дека се залага за одржување референдуми во два источни украински региона со цел тие формално да бидат дел од Русија. Медведев посочи дека инкорпорирањето на ЛПР и ДПР во Русија - колективно познати како Донбас - ќе биде неповратен чекор штом ќе се заврши и секој што тогаш ќе ги нападне - ќе ја нападне самата Русија, која, според сопствениот закон, ќе има право да одговори во самоодбрана.