Пандемијата на ковид-19 не е завршена. Планираната кампања за вакцинација во регионот за време на зимската сезона е клучна за борба против пандемијата, изјави официјален претставник од регулаторот за лекови на Европската унија, Европската агениција за лекови (ЕМА).
„Ние во Европа сè уште веруваме дека пандемијата е во тек и важно е земјите-членки да се подготват за воведување вакцини, особено адаптирани вакцини, за да се спречи понатамошното ширење на оваа болест во Европа“, рече во вторникот Штефен Тирструп, главен медицински директор на Европската агенција за лекови (ЕМА).
Тој зборуваше на прес-конференција за вакцините насочени кон специфични видови на вирусот.
Претходно американскиот претседател Џо Бајден во интервју емитувано во неделата рече дека „пандемијата е завршена“, иако земјата продолжува да се бори со инфекции со коронавирус што убиваат стотици Американци секој ден.
„Пандемијата е завршена“, рече Бајден за време на интервјуто за „60 минути“ на американската телевизија Си Би Ес.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, во САД од ковид дневно продолжуваат да умираат речиси 400 луѓе.
Но Тирструп вели дека не може да одговори зошто претседателот Бајден дошол до заклучок дека пандемијата е завршена.
Светската здравствена организација (СЗО) вели дека пандемијата останува глобална вонредна состојба, но нејзиниот крај би можел да биде на повидок доколку земјите ги користат ресурсите со кои располагаат.
Соединетите држави сè уште се во вонредна состојба за јавно здравје, која првпат беше прогласена во јануари 2020 година.
Генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, минатата недела рече дека „крајот“ на пандемијата е на повидок, но сепак ги повика земјите да останат будни.
Од ЕМА поворно го кажаа ставот на главниот извршен директор на агенцијата, Емер Кук, кој минатата недела рече дека луѓето во Европа во наредните месеци треба да земат какви било засилувачи против ковид-19 што се достапни и препорачани.
Од почетокот на пандемијата, повеќе од 272 милиони луѓе се заразени ширум светот.
Покрај оригиналните вакцини против ковид, ЕМА во последните недели одобри голем број вакцини приспособени на варијантата на вирусот Омикрон за да се употребуваат како засилувачи, за да се намали товарот од очекуваното зголемување на инфекциите во текот на есента и зимата во Европа.
Од вирусот, кој се појави во Кина кон крајот на 2019 година, почина повеќе од 6,5 милиони луѓе, вклучително и еден милион оваа година, а се заразија околу 608 милиони луѓе.
Вакцините и третманите помогнаа да се намали стапката на смртност, а глобалниот број на смртни случаи од ковид-19 минатата недела беше најнизок од март 2020 година, кога СЗО прогласи пандемија на ковид-19.