Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ во вторникот изјави дека не може да го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на нова влада. Тој и предложи на претседателката на Собранието Данијела Ѓуровиќ да се скрати мандатот на Парламентот.
Според Ѓукановиќ Лекиќ не може да биде мандатар, оти не биле приложени потписи од мнозинство пратеници, така што добил впечаток оти не постои јасно мнозинство што би било во состојба да формира влада.
Напротив, смета дека не постои политичка согласност за формирање влада, што тој го смета како намера да се троши време за продолжување преговори околу поделбата на ресорите и „позиции по длабочина“, што би довело до дополнително слабеење на државата.
Партиите кои освоија мнозинство на парламентарните избори во Црна Гора во август 2020 година, просрпскиот Демократски фронт (ДФ), Демократите и УРА доцна синоќа, пред истекот на рокот, се договорија Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада, но не поднесоа потписи на 41 пратеник колку што тие партии заедно имаат во парламентот, кои брои вкупно 81 пратеничко место.
Ѓукановиќ смета дека најоптимално решение во дадената политичка ситуација е скратување на мандатот на Собранието со што се отвора можност за организирање предвремени парламентарни избори.
Тој изјави дека ја користи уставната можност да поднесе барање за свикување на вонредна седница на Собранието на чиј дневен ред ќе биде предлог за скратување на мандатот на сегашното свикување.
На 20 август Собранието на Црна Гора ѝ изгласа недоверба на Владата на Дритан Абазовиќ.
Абазовиќ беше премиер 115 дена. Тој беше првиот премиер на Црна Гора кој припаѓа на малцинска национална заедница.