Русија ќе продолжи да ја поддржува Србија во заштита на нејзините права и интереси, изјави претседателот на Русија Владимир Путин на 20 септември во Москва.
„Во рамки на меѓународното право, осврнувајќи се пред се на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, ќе продолжиме на нашите српски пријатели да им пружаме сеопфатна поддршка во сочувувањето на легитимните права и интереси на Србија, во заштита на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет“, рече Путин за време на врачувањето на акредитивните писма на амбасадори од дваесеттина земји, меѓу кои и амбасадорот на Србија, Момчило Бабиќ.
Како што е објавено на сајтот на Кремљ, Путин изјавил дека Русија и Србија ги поврзуваат стратешки партнерски односи засновани на традицијата на пријателство, културна, духовна и историска блискост меѓу два братски народи и дека Москва ќе продолжи да ја продлабочува таа соработка.
„Ја цениме желбата на нашите српски пријатели да водат балансиран, независен курс на меѓународната сцена и ќе продолжиме да работиме заедно за продлабочување на политичкиот дијалог, проширување на соработката во економијата, трговијата, научната, техничката, културната и хуманитарната сфера“, рече претседателот на Русија, пренесува Бета.
Откако Руската Федерација ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, Европската унија воведе серија санкции против Русија. Србија ја осуди инвазијата, но не се приклучи на санкциите.
Србија и Русија традиционално одржуваат блиски билатерални односи. Србија зависи од руската поддршка кога станува збор за блокирање на нејзината поранешна покраина, Косово, во меѓународните институции. Зависноста се одразува и во монополот на рускиот Гаспром во Србија.