Лани помалку случаи во кои полицијата тајно следела комуникации

Архивска фотограгија - Жена со мобилен телефон

Лани се намалил бројот на случаи во кои се користеле посебни истражни мерки, односно им се следел комуникациите на луѓе за кои постои сомнеж дека го прекршиле законот, покажува извештајот што беше усвоен денеска од собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Извештајот до Собранието до достави Јавниот обвинител.

Јавниот обвинител Џелал Бајрами со полномошно од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, го образложи Извештајот и нагласи дека во 2021 година има пад на спроведување на овие мерки во споредба со 2020.

Бајрами вели дека се намалил на случаи и бројот на опфатени лица, а бројот на предмети кои биле опфатени со мерките е речиси идентичен.

Посебните истражни мерки во најголем број на случаи се применувале за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, додека за другите кривични дела се определуваме помалку вакви мерки.

Следење на комуникациите, во периодот опфатен со извештајот, имало во 28 случаи, од кои во пет случаи се по иницијатива на Јавното обвинителство, а во 23 случаи иницијативата потекнала од Министерството за внатрешни работи, се дополнува во извештајот.

Претседателот на Комисијата, пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека во Извештајот нема податок за тоа колку пати биле потрошени за употребата на посебните истражни мерки.

Во заклучокот од Извештајот, пак, стои дека примената на посебните истражни мерки за Јавното обвинителство не предизвикува финансиски импликации со оглед дека мерките ги спроведува Министерството за внатрешни работи, а тоа не доставува извештај за трошоци за примена на овие мерки.