Повеќе од 250.000 луѓе чекаа со часови во редици за да поминат покрај ковчегот на кралицата Елизабета Втора за да и оддадат почит во деновите пред нејзиниот погреб во Лондон, соопшти денеска британската влада. Пред државниот погреб вчера во Лондон, по што кралицата беше погребана на приватна церемонија во капелата во замокот Виндзор, ковчегот со нејзиното тело беше изложен пет дена во Вестминстерската сала, најстариот дел од британскиот парламент каде граѓаните можеа да ја оддадат нивната почит.
Британија и светот се збогуваа со кралицата Елизабета
„Повеќе од 250.000 луѓе поминаа низ Парламентот, тоа засега е прелиминарна бројка“, изјави министерката за култура Мишел Донелан. На прашањето колку ги чини даночните обврзници погребот, таа рече дека не знае, но изрази мислење дека Британците ќе ги сметаат за „добро потрошени пари“. Британија денеска го обнови нормалниот живот, суспендиран на 12 дена поради емоции и комеморации поврзани со смртта на Елизабета Втора. Кралицата Елизабета Втора (96) почина на 8 септември по 70 години владеење.