Бранови од 20 до 30 сантиметри што одговараат на помало цунами се очекуваат денеска во Нова Каледонија, француска прекуморска територија во Пацификот, по силниот земјотрес што го погоди западниот дел на Мексико, соопштија локалните власти. „Неприродно движење на морето“ ќе биде забележано подоцна денеска во Нова Каледонија, околу 18:00 часот по локално време (09:00 часот по средноевропско време) по земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мексико, соопштија властите. Но, локалната самоуправа преку соопштение објави дека нема опасност од разорно цунами, сепак апелирајќи до населението да се држат настрана од брегот. Цивилната одбрана не издаде предупредување за цунами.
Силен земјотрес го погоди Мексико на годишнината од два смртоносни потреси
Силен земјотрес го погоди западниот дел на Мексико и неговиот истоимен главен град вчера во 13:05 часот по локално време (20:05 часот по средноевропско време), на годишнината од смртоносните земјотреси во 1985 и 2017 година. Едно лице загина во западниот дел на земјата, изјави мексиканскиот претседател Мануел Лопез Обрадор, а едно повредено лице е пријавено во западната држава Мичоакан, каде што епицентарот се наоѓал во близина на Пацификот. Нема информации за поголема материјална штета. Во двата претходни земјотреса со сила од 8,1 и 7,1 степени според Рихтер на 19 септември загинаа повеќе од 10.000 луѓе.