Леб и политика
МАКЕДОНИЈА - Со цел помало трошење струја, министерот за економија Крешник Бектеши денеска се сретна со поглаварот на Исламската верска заедница (ИЗВ), реисот Шаќир Фетаху за да побара помош за почитување на мерките за штедење на струја од страна на ИВЗ и нејзините верници. Притоа најави дека за истото ќе разговара и со Македонската православна црква.
МЕКСИКО - Силен земјотрес денеска го погоди западниот дел на Мексико и ги затресе зградите оддалечени стотици километри од Мексико Сити на годишнината од двата големи потреси во 1985 и 2017 година, соопштија сеизмолозите. Националната сеизмолошка агенција објави дека земјотресот бил со јачина од 7,4 степени, додека Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави го проценил на 7,6.
СЛОВЕНИЈА - Словенија да испорача тенкови за Украина, а за возврат словенечката армија од Бундесверот да добие тешки товарни возила, договориле денеска во телефонски разговор словенечкиот премиер Роберт Голоб и германскиот канцелар Олаф Шолц.
УКРАИНА - Сепаратистичките власти поддржани од Москва во источниот украински регион Луганск осудија вработен во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на 13 години затвор.
КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека добил информација од Косовската разузнавачка агенција (КИА) дека има план за негов атентат во 2021 година.
МАКЕДОНИЈА - Ограничени трговски маржи на основните прехранбени производи ќе бидат продолжени до крајот на годината, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
АЛБАНИЈА - Во акцијата насловена „луксуз”, албанската полиција заплени седум луксузни возила, уапси едно, а трага по уште пет лица кои се дел од организирана македонско-косовска група што крадела скапи возила во западно европските земји и ги продавала во Албанија.
КИНА / РУСИЈА - Рускиот совет за безбедност денеска соопшти дека Москва и Пекинг се договориле за „понатамошна воена соработка“ со фокус врз вежби и контакти на високо ниво. Изјавата од Москва доаѓа по состанокот во минатата недела на кој претседателот Владимир Путин беше принуден јавно да ја признае кинеската загриженост поради неговата тековна инвазија врз Украина и нејзините реперкусии низ светот.
РУСИЈА - Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го пофали унгарско раководство за, како што нарече, подготвеноста на Будимпешта да заземе „суверени позиции“ за прашања во рамките на Европската унија. Тој рече дека Кремљ внимателно ги следи случувањата меѓу ЕУ и Унгарија. Еден ден претходно, Европската комисија повика на елиминација на 7,5 милијарди евра од финансирањето на ЕУ наменето за Унгарија поради корупција и нарушување на владеење на правото. Критичарите во Брисел тврдат дека 12-годишното раководство на премиерот Виктор Орбан и неговата партија Фидес, ги загрозува заедничките вредности на ЕУ.
МАКЕДОНИЈА - ВМРО ДПМНЕ денеска покажа извадок од евиденциона книга на АРМ за кој, како што наведуваат од оваа партија, „Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска“. „Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал“, одговори премиерот на обвинувањата.