Бектеши бара помош од ИВЗ и МПЦ за верниците да штедат повеќе струја

Илустративна фотографија

Со цел помало трошење струја, министерот за економија Крешник Бектеши денеска се сретна со поглаварот на Исламската верска заедница (ИЗВ), реисот Шаќир Фетаху за да побара помош за почитување на мерките за штедење на струја од страна на ИВЗ и нејзините верници. Притоа најави дека за истото ќе разговара и со Македонската православна црква

„Голема поддршка ќе биде секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ, а тоа ќе се сподели преку џамиите до сите верници, било да се тоа Албанци, Турци… Тоа е многу важно заради тоа што секое штедење го помага семејниот буџет, воедно ги помага и институциите во делот да се намалат трошоците, а и потребите во делот на потрошувачката заради тоа што имаме одредена потрошувачка која е на регулиран, а другата на слободниот пазар, за да се ослободат количества со кои може да се помогне на индустријата која креира работни места и на таков начин приходите во нашите семејства да не се скратат“, рече Бектеши.

Реисот пак најави дека и самите ќе преземат мерки како да ја рационализираат потрошувачката на струја, иако, како што нагласи, внимаваат во тој дел.

„Имаме над 700 објекти, 13 муфтивства , со сите ќе разговараме како да се придонесе во ова, а и јас како поглавар на ИВЗ секој петок ќе бидеме заедно со моите соработници и верниците ќе зборуваме на оваа тема и за излез од кризата“, изјави Фетаху.

Инаку, Бектеши заедно со директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и со директорот на НЕР, Бајрам Реџепи в четврток ќе престојува во посета на Турција каде енергетиката ќе биде во фокус на разговорите.

Македонија веќе прогласи енергетска криза, а во тек се преговорите за цената на струјата што треба да дојде од Бугарија, додека од Грција е договорено земјава да се снабдува со лигнит, јаглен и мазут за производство на струја.