Обединетите нации повторно ги повикаа талибанските власти во Авганистан да преземат „итни мерки“ и повторно да ги отворат средните училишта за девојчиња, велејќи дека е „срамно“ што тие се затворени една година и дека такво нешто не постои во светот.
„Се навршува една година од протерувањето на девојчињата од средните училишта во Авганистан. Една година изгубено знаење и шанси кои никогаш повеќе нема да да ги добијат. На девојчињата им е место во училиштата. Талибанците треба да им дозволат да се вратат“, напиша Генералниот секретар Антонио Гутереш на Твитер .
По доаѓањето на власт во август 2021 година, талибанците ги забранија средните училишта за девојчиња. Само неколку часа траеше обидот на 23 март повторно да посетуваат средни училишта.
Во тајно училиште за девојки во Кабул
Истиот ден, талибанските власти се предомислија и најавија дека училиштата повторно ќе бидат затворени, на големо негодување на илјадници девојчиња кои во солзи се вратија дома, пренесува Асошиејтед прес.
Талибанците оттогаш тврдат дека забраната се должи на „технички проблеми“ и дека часовите ќе бидат повторно воведени откако ќе биде усвоена програма заснована на исламските верувања.