Шефови на држави, политичари и претставници на монархиите од целиот свет пристигнуваат во Лондон за утрешниот погреб на кралицата Елизабета Втора.
Меѓу нив е и американскиот претседател Џо Бајден кој доцна синоќа пристигна во Лондон.
Бајден е меѓу 500 шефови на држави и официјални лица кои што доаѓат во Лондон, што претставува собир на едно место на светски лидери, каков што не е виден со децении, јавува Би-Би-Си.
Премиерите на Канада, Австралија и Нов Зеланд веќе се во Велика Британија.
Покрај канадскиот премиер Џастин Трудо, австралискиот премиер Ентони Албанес и премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн, меѓу другите светски лидери кои ќе присуствуваат на погребот на Елизабета Втора се и францускиот претседател Емануел Макрон, ирскиот Таосеј Мишел Мартин, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и италијанскиот претседател Серџо Матарела.
Присутни ќе бидат и членови на кралски семејства од цела Европа, јавува Би-Би-Си.
Сепак, како што пишува Би-Би-Си, во центарот на вниманието ќе биде официјалниот државен прием што ќе го приреди кралот Чарлс Трети во Бакингемската палата. За многу лидери тоа ќе биде единствената можност да се сретнат колективно.
Внуците на кралицата Елизабета ѝ оддадоа последна почит
Сепак поканата за некои од гостите предизвика чудење, како поканата за престолонаследникот на Саудиска Арабија и де факто владетел Мохамед Бин Салман. Тој е обвинет дека наредил убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул, Турција во 2018 година, што престолонаследникот и неговата влада го негираат.
Друга покана што наиде на критики е поканата на кинескиот претседател Кси Џинпинг, поради обвинувањата за злосторства против човештвото насочени кон кинеската влада. Сепак, претседателот Кси нема да присуствува на погребот. На негово место ќе биде потпретседателот Ванг Кишан.
Москва: Британското одбивање Русија да не биде на погребот на кралицата е „длабоко неморално“
Не беа поканети претставниците на Русија, Белорусија, Мјанмар, Сирија, Венецуела и Авганистан.
Иран, Северна Кореја и Никарагва беа поканети само да испратат амбасадори, а не шефови на држави.
По државната церемонија, кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ во замокот Виндзор, покрај нејзиниот татко Џорџ Шести и нејзиниот сопруг принцот Филип.
Државниот погреб на кралицата Елизабета, прв во Британија по смртта на нејзиниот прв премиер Винстон Черчил во 1965 година, ќе се одржи утре во Вестминстерската опатија во Лондон во 11 часот.