Американскиот претседател Џо Бајден го повика рускиот претседател Владимир Путин да не користи тактичко нуклеарно или хемиско оружје за да ја врати изгубената територија во Украина.
Откако украинската војска ги потисна руските сили од делови на североисточна Украина, Путин предупреди дека Москва би можела да возврати посилно доколку нејзините сили бидат под дополнителен притисок. Ова го загрижи Западот дека може да прибегне кон неконвенционални средства како нуклеарно или хемиско оружје.
Во интервју за мрежата CBS, на прашањето што би му рекол на Путин доколку размислува за употреба на такво оружје, американскиот претседател Џо Бајден одговори:
„Немој. Немој. Немој. Тоа би ја променило војната како ништо досега, како ништо од Втората светска војна“.
Бајден ќе одобри нова воена помош за Украина во вредност од 600 милиони долари
На прашањето какви ќе бидат последиците доколку Путин ја премине таа граница, претседателот не сакаше да одговори.
„Мислите дека би ви кажал кога би знаел точно што ќе биде тоа? Се разбира дека нема да ви кажам. Тоа ќе биде последователно“, рече Бајден.
„Тие ќе станат посериозни во светот отколку што некогаш биле, а степенот на она што го прават ќе одреди каков ќе биде одговорот“, додаде американскиот претседател.
CBS ќе го емитува целосното интервју со Бајден подоцна во текот на денов.