Маршот во рамки на „Европрајд“, во одбрана на правата на ЛГБТИ заедницата што почна пред зградата на Уставниот суд во центарот на Белград, заврши во близина на паркот Ташмајдан, без поголеми инциденти и со огромно полициско присуство.
Учесниците тргнаа од Уставниот суд до паркот Ташмајдан каде маршот заврши со концерт со познати српски и светски музички ѕвезди.
На крајот од маршот симболично се развиори знамето со виножито.
„Тука сме и покрај забраните. Ви благодариме на сите за поддршката. Ни треба правда и еднаквост“, рече Горан Милетиќ, организаторот на прошетката „Еуропрајд“ во Белград.
На илјадниците активисти и присутни на рутата на поворката, им се придружија и бројни дипломати, претставници на Европскиот парламент, како и други европски и меѓународни претставници.
Белградскиот Марш на Гордоста ѝ пркоси на забраната
Меѓу присутните беше и партнерката на премиерката на Србија, Ана Брнаниќ.
Маршот сепак не помина без инциденти.
Во текот на денот беа регистрирани неколку судири помеѓу полицијата и противниците на Европрајдот.
Организаторите на прошетката „Европрајд “ беа соочени со големо противење од страна на ултрадесничарите, но и од Српската Православна Црква.
Полицијата претходно ги забрани маршот на Европрајд и десничарскиот собир со образложение дека постои ризик за безбедноста на учесниците, а управниот суд во Белград ја одби жалбата на организаторите и одлучи дека забраната за прошетка е оправдана.