Демократскиот сојуз ја повикува Владата да го отфрли предлогот за менување на балансерот за вработување на нерезидентното население во јавната администрација според резултатите од пописот и зголемување на процентот на Албанците на 29,5 отсто.
Ова решение значи дека секој трет вработен во државната администрација во иднина треба да биде Албанец, што не одговара на процентот на Албанците кои живеат во Македонија (24,3 отсто) и битно ќе ја наруши етничката слика во државната администрација на штета на другите заедници.Изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи според која иселениците со своите девизни дознаки придонесуваат за финансиската стабилност на државата не е никаков аргумент што треба да се прифати за менување на балансерот.
Наместо менување на процентот на Албанците во балансерот за вработување во државната администрација, Демократскиот сојуз ја повикува Владата да го укине овој инструмент кој досега се покажа манипулативен и неправеден.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа напуштање на балансерот, затоа што, како што велат, го нарушува системот на квалитет.
„Искуството покажува дека досегашниот систем освен што создава неквалитет, истиот не е и праведен. Време е да создадеме систем за граѓаните, а не систем за неколку политички моќници затоа што администрација која со квалитет ќе им служи на граѓаните и е потребна на Македонија, а не административци кои со неквалитет ќе им служат на политичките моќници“, Марија Митева, ВМРО-ДПМНЕ.
Во администрацијата треба да се вработат 31,54 отсто Албанци, според правична застапеност, затоа што Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за основа го зело вкупното попишано население, а не само резидентното население. Според пописот, 24,3 отсто од жителите на Македонија се Албанци.
МИОА - Во администрација ќе се вработат 31,5 отсто Албанци согласно пописот на вкупното население
На веб страницата на МИОА на 5 август беше објавено соопштение дека е направена промена во веб алатката „Балансер“ согласно резултатите од спроведениот Попис во 2021 година.
Министерството е надлежно за Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно принципот на правична и соодветна застапеност донесена од 2016 година.