Сите учесници на „Европрајд“ во Белград ќе бидат безбедни, изјави премиерката Ана Брнабиќ пред одржувањето на маршот за правата на ЛГБТИ заедницата во Србија.
„Србија не ја организираше Европрајд затоа што некој ја уценуваше да остане на европскиот пат, туку заради Србија, нашиот народ и општество, како и за доброто на целиот регион“, рече Брнабиќ на приемот за странски дипломати по повод Неделата на европрајд.
Во меѓувреме Белград е под силно полициско присуство, а пред стартот на парадата регистрирани се и инциденти.
Белградскиот Марш на Гордоста ѝ пркоси на забраната
Противниците на одржување „Европрајд“ во Белград денеска се судрија со српската полиција во близина на Собранието.
Инцидентот почнал кога противниците почнале да фрлаат со шишиња врз автомобилите, ги пцуеле новинарските екипи и се расправале со полицијата и сакале да поминат низ полициски блокади за да присуствуваат на молитвите во црквите.
Полицијата уапси маж од ултрадесничарска група собрана во близина на местото каде што беше планирано да започне маршот на „Европрајд“.