Смртта на 22-годишната Иранка три дена откако беше приведена во полиција поради наводно кршење на правилата за носење хиџаб, предизвика бурни реакции во земјата, но и кај меѓународната јавност.
Махса Амини беше прогласена за мртва од лекарите на 16 септември, изјавија извори за Радио Слободна Европа.
Очевидци на нејзиното апсење тврдат дека Амини била претепана во комбето од страна на полицијата додека била носена во притворот.
Иранската морална полиција ги предупредува производителите на облека да избегнуваат „светли“ бои
Смртта на Амина предизвика протести во Техеран.
Реакција пристигна и од Белата куќа во Вашингтон.
„Нејзината смрт е неоправдана. Ќе продолжиме да бараме одговорност од иранските власти за таквите прекршувања на човековите права“, напиша Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џејк Саливан на Твитер.
Одговорност побара и специјалниот пратеник на САД за Иран - Роберт Мали, кој е вклучен во напорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година.
„Смртта на Махса Амини по повредите здобиени во притвор поради „несоодветен“ хиџаб е ужасна. Иран мора да го прекине насилството врз жените поради остварување на нивните основни права“, напиша тој на Твитер.
Реагираше и Амнести интернешнал, од каде побара истрага за „сомнителната“ смрт.
„Таканаречената „полиција на моралот“ во Техеран произволно ја уапси три дена пред нејзината смрт додека спроведуваше навредливи, понижувачки и дискриминаторски закони за присилно прикривање. Сите одговорни агенти и службеници мора да се соочат со правдата“, порача организацијата за човекови права.
Амини беше уапсена на 13 септември. Неколку часа по нејзиното апсење, нејзиното семејство било известено дека Амини е хоспитализирана.
Мојган Амини, мајката на Махса, во интервју за РСЕ непосредно пред веста за смртта на нејзината ќерка изјави дека нејзиното семејство поднело жалба до полицијата во Техеран.
„Мојата ќерка беше во совршено здравје пред апсењето“, изјави таа.
Медиумскиот центар на полициската управа во Техеран ги демантираше тврдењата на очевидците дека Амини била претепана, велејќи дека била префрлена во еден од полициските оддели во Техеран за „оправдување и едукација“ за хиџабот кога „одеднаш добила проблем со срцето“.
Во егзил поради анти-хиџаб протест
Смртта на Махса Амини предизвика и големи реакции на социјалните мрежи.
Американската актерка Леа Ремини ги замоли своите следбеници на Твитер да и се придружат во споделувањето на името и приказната на Махса.
„Фактот што таа беше уапсена затоа што не носи хиџаб го прави тоа уште пострашно“, напиша Ремини на Твитер.
Така наречената морална полиција во Иран станува се поактивна и понасилна. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како полицајци приведуваат жени, ги влечат и насилно ги одведуваат.
Хиџабот - покривката на главата што ја носат муслиманските жени - стана задолжителен во јавноста за иранските жени и девојчиња над 9-годишна возраст по Исламската револуција во 1979 година.