Киев тврди дека стотици гробници се пронајдени надвор од Изум неколку дена откако градот беше вратен од руските сили за време на успешната офанзива на Украина во североисточниот регион Харкив. Шефот на украинската полиција Ихор Клименко рече дека врз основа на прелиминарните наоди, повеќето од луѓето закопани на местото се цивили.
Ексхумациите продолжуваат, додаде тој и посочи дека во новоослободените области биле пронајдени неколку места за мачење.
„Можам да зборувам за присуство на најмалку 10 центри за тортура во населбите во регионот Харков“, рече Клименко.
Илјадници руски војници побегнаа од Изум минатата недела, откако го окупираа градот и го искористија како логистички центар во регионот Харкив. Зад себе оставиле големо количество муниција и опрема.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија остава трага на „смртта зад себе насекаде“, откако украинските сили пронајдоа други места за масовно погребување, наводно оставени од повлекувањето на руските сили претходно оваа година.
Пронајдена масовна гробница во близина на Изум по руското повлекување
Украинското Министерство за одбрана соопшти дека на местото во Изум се пронајдени најмалку 440 тела.
„Во Изум се откриени масовни гробници по ослободувањето од Русите. Сегашното најголемо гробно место има 440 необележани гробници“, објави Министерството на Твитер.
Украинските извештаи не можеа веднаш независно да бидат проверени. Засега нема коментар од Русија, која досега често негираше дека целта при нападите била цивили.
Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека ќе испрати тим во Изум.
„Набљудувачите имаат за цел да одат таму за да се обидат да утврдат нешто повеќе за тоа што можеби се случило“, рече портпаролката на канцеларијата Лиз Тросел на денешниот брифинг во Женева.
ОН ќе испратат тим во Изум за да ги испита наводите за масовните гробници
Таа не даде временска рамка за тоа кога мисијата ќе биде упатена во Украина. Украинските власти се очекува да започнат со откопување на телата од масовната гробница во Изум, кој беше повторно заземен во контраофанзивата.
Зеленски изјави дека откривањето и документирањето на гробовите ќе му покаже на светот „до што доведе руската окупација“. Москва, која ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина на 24 февруари, негираше дека цели на цивили во војната, и покрај сè поголемите докази за спротивното.