Постои влијание врз политичари во Македонија преку финансирање на политички партии од Русија, покажале анализите на македонските институции, изјави денеска македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинари. Тој одговарајќи на новинарско прашање истакна дека за подетални информации за тоа се одговорни безбедносните служби.
„Во рамки на оваа информација произлезена од Стејт департментот немаме дополнителна информација по однос на случувањата во нашата држава. Но, од нашите анализи на нашите институции има такво нешто и тоа е комуницирано во неколку наврати дека има обиди за такво вмешување во партиско-политичкиот живот во Северна Македонија“, изјави Османи.
Тој не соопшти конкретно кои политичари се под руско влијние и финасии. Но, во контекст на референдуското прашање и ставот на власта, Османи како свој личен став ја обвини Левица дека работи во функција на руска пропаганда.
„По однос на Договорот со Бугарија, ниту смее, ниту може да има референдум. Договорот со Бугарија е еден од столбовите на евроатлантска Северна Македонија заедно со Преспанскиот и Охридскиот договор. Еднонационални референдуми за стратешки прашања на државата се опасен преседан и тие не смеат да се случат. Од МНР сум ограничен да коментирам, но за Левица имам свој став – тие не се македонска партија, туку партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД. Не треба да потпаднеме под таа пропаганда која делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери кон сопствениот народ и останатите граѓани.“, изјави Османи.
САД: Русија потрошила над 300 милиони долари за тајно влијание врз светската политика
Претходно Стејт департментот во последниот извештај наведе дека Русија од 2014 година досега тајно потрошила повеќе од 300 милиони долари за да се обиде да влијае врз политичарите и официјалните лица во повеќе од дваесетина земји.
Парите биле потрошени за тинк-тенковите поддржани од екстремно десничарските националистички политички партии и за организации кои се користат за насочување пари на преферирани каузи или политичари.