Конфедерацијата на синдикални организации денеска на прес-конференција од пред бараките на Градот Скопје побара од градоначалничката Данела Арсовска да ги врати на работа стоте работници од ЈП „Водовод и канализација“ за кои рече дека нема да им бидат продолжени договорите. Претседателот Марјан Ристески рече ако Арсовска не ги прими на состанок и не се реши овој проблем ќе го блокирале Град Скопје и булеварот Илинденска за да не може таа да си дојде на работа.
Тендерот за Пречистителна станица ги скара Арсовска и Мицкоски?
„Застануваме целосно зад вработените во „Водовод“кои градоначалничката рече ќе ги отпушти. Мора да престане праксата политичарите својот гнев да го истураат врз вработените. Па дел од овие вработени имаат земено кредити, не дај боже да зеле некој од оние брзи кеш кредити. Бидејќи знае да упаѓа на прес-конференции еве нека дојде да ја расчистиме ситуацијава“, рече Ристески.
Тој кажа дека не е точно дека овие луѓе ништо не работеле туку тие постојано со клешти и лопати во рацете и работат на канализационата мрежа.
Опозицијата обвинува дека Арсовска без аргументи избркала 100 работници од ова претпријатие.
„Знаеме дека во периодот од 05.07.22 до 07.07.22 во ова јавно претпријатие извршен е инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат на труд, за кој има записник, дека се во врска со работните односи е кристално чисто . Значи нема отсуства од работа и нема недостатоци. Но, Арсовска, спротивно на било каква логика или доказ, го разреши и директорот на ова јавно претпријатие“, изјави денеска Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалничката на Скопје, Арсовска го обвини поранешниот директор на Водовод Златко Пирински за несовесно постапување за тендерот за Пречистителна станица. По неговото отпуштање од работа, таа не им ги продолжила договорите на стотина вработени, потенцирајќи во јавноста дека тие биле само на платен список, но не работеле. Синдикатите и опозицијата тврдат дека тие обвинувања на на Арсовска не се точни.