Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека ќе испрати тим во украинскиот град Изум, каде што официјалните лица велат дека пронашле масовни гробници со стотици тела. „Набљудувачите имаат за цел да одат таму за да се обидат да утврдат нешто повеќе за тоа што можеби се случило“, рече портпаролката на канцеларијата Лиз Тросел на денешниот брифинг во Женева. Таа не даде временска рамка за тоа кога мисијата ќе биде упатена во Украина. Украинските власти се очекува да започнат со откопување на телата од масовната гробница во Изум, кој беше повторно заземен во контраофанзивата.
Пронајдена масовна гробница во близина на Изум по руското повлекување
Се наведува дека имало најмалку 440 тела - вклучувајќи цивили и украински војници. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека откривањето и документирањето на гробовите ќе му покаже на светот „до што доведе руската окупација“. Москва, која ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина на 24 февруари, негираше дека цели на цивили во војната, и покрај сè поголемите докази за спротивното.