Заглавени, загрижени, надежни...

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пред денешниот почеток на скрининг процесот, испрати порака на својот Фејсбук профил дека сè е подготвено за следната фаза од евроинтеграциите и дека македонскиот тим е подготвен за отворањето на овој процес.

МАКЕДОНИЈА - Учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, беа тема на дводнавната средба Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија што заврши денеска во Скопје, соопшти македонскиот тим во Комисијата.

ЕУ / УНГАРИЈА - Членовите на Европскиот парламент денеска со големо мнозинство ги осудија унгарските власти на премиерот Виктор Орбан за поткопување на демократијата, зголемувајќи го притисокот врз блокот да го намали финансирањето на поранешната комунистичка земја.

РУСИЈА / КИНА - Рускиот претседател Владимир Путин денеска рече дека разбира дека Си Џинпинг има прашања и загриженост за ситуацијата во Украина, но го пофали кинескиот водач за, како што рече, „балансираниот“ став за конфликтот.

МАКЕДОНИЈА - Левица ќе поднесе нова иницијатива за референдум против Договорот со Бугарија, соопшти денеска пратеникот Борислав Крмов на прес- конференција во Собранието. Највисоките органи на партијата вчера дискутирале за оваа тема, но не прецизирале како ќе гласи референдумското прашање.

КОСОВО - Специјалниот пратеник на Европска Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак попладнево допатува во ненајавена посета на Косово и веднаш замина во Владата на средба со премиерот Албин Курти.

РУСИЈА - На Новаја Газета, еден од ретките преостанати независни медиуми во Русија, денеска и беше одземена последната дозвола за работа. Рускиот Врховен суд практично ја забрани онлајн верзијата на Нова Газета, неколку дена откако окружниот суд во Москва го забрани медиумот и неговото сестринско списание „Не“ основано пред помалку од три месеци.

УКРАИНА - Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска е во Киев за да разговара за поблиска соработка меѓу Украина и ЕУ. „Во Киев, за мојата трета посета од почетокот на војната во Русија. Толку многу се промени. Украина сега е кандидат за ЕУ“, напиша фон дер Лајен на Твитер пред состаноците со високи украински претставници, вклучително и со претседателот Володимир Зеленски, кој неодамна се врати од посетата на областите што украинската војска ги презеде од руските сили во источна Украина.

ГРЦИЈА - Грчката влада објави програма за поволни бескаматни кредити или кредити со ниска камата за млади од 25 до 39 години. Таа содржи, меѓу другото, масовно реновирање на празни домови, искористување на недвижнините во сопственост на државата, субвенции за енергетска надградба и реновирање. Стратегијата за социјално домување под името „Мој дом“ во висина од околу 1,8 милијарди евра што ќе опфати околу 135.000 лица, денеска ја презентираа надлежните министри, откако конкретните иницијативи ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговиот говор во саботата на отворањето на Меѓународниот саем во Солун.

ЕУ - Советот на Европската унија реши да го продолжи за уште шест месеци, до 15 март 2023 година, времетраењето на санкциите против одговорните за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Како што се наведува во соопштението на Советот на ЕУ, постојните рестриктивни мерки предвидуваат ограничувања за патување на физички лица, замрзнување на имотот и забрана за ставање на располагање средства или други економски ресурси на наведените физички и правни лица. Санкциите ќе продолжат да се применуваат на 1.206 поединци и 108 ентитети, од кои многу се цел на овие мерки како одговор на воената агресија на Русија.

ЦРНА ГОРА - Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ во интервју за Радио Слободна Европа вели дека не верува во скратен пат за членство на земјите од Западен Балкан во Европската унија. „Мојот став е дека сите земји од Западен Балкан треба да имаат свое место во ЕУ, но до кое ќе се дојде по безусловно спроведени, висококвалитетни сеопфатни социјални реформи. Затоа, не верувам во кратенки на патот кон ЕУ“, изјави тој.

ЕРМЕНИЈА / АЗЕРБЕЈЏАН - Висок ерменски функционер изјави дека со Азербејџан бил договорен прекин на огнот по дводневните тешки борби поврзани со деценискиот спор за отцепениот регион Нагорно-Карабах. Армен Григоријан, секретар на Советот за безбедност на Ерменија, изјави дека благодарение на вклученоста на меѓународната заедница, „постигнат е договор за прекин на огнот“. Тој додаде дека примирјето е во сила неколку часа. Ерменското Министерство за одбрана претходно соопшти дека престрелките во пограничните области престанале. Сепак, немаше збор од Азербејџан за примирје за запирање на борбите.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден е домаќин во Белата куќа на денешниот самит Стоиме обединети за да се спротивстави на корозивните ефекти на насилството поттикнато од омраза врз демократијата и јавна безбедност, Самитот, како што е соопштено во Вашингтон, ќе ги собере хероите од цела Америка кои ја водат историската работа во нивните заедници за да изградат мостови и да се справат со омразата и поделеноста, вклучително и преживеаните од насилството поттикнато од омраза.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше сообраќајна несреќа, но не е „сериозно повреден“, изјави денеска неговиот портпарол Сергеј Никифоров, наведувајќи дека Зеленски бил прегледан од лекар кој не констатирал сериозни повреди.