Европратеници: Унгарија е изборна автократија, а не демократија

илустрација, Европскиот Парламент

Членовите на Европскиот парламент денеска со големо мнозинство ги осудија унгарските власти на премиерот Виктор Орбан за поткопување на демократијата, зголемувајќи го притисокот врз блокот да го намали финансирањето на поранешната комунистичка земја.

Од Европската комисија тие побараа резултати од процесот кој се води против таа земја според член 7 од Договорот со ЕУ.​

„Недостигот од решителна акција од страна на ЕУ придонесе за појава на „хибриден режим на изборна автократија“, односно уставен систем во кој се одржуваат избори, но не се почитуваат демократските норми и стандарди“, наведуваат европратениците во извештајот за демократска состојба во Унгарија.

Наведувајќи ги ризиците од корупција, Европската комисија се очекува подоцна оваа недела да препорача суспендирање на милијарди евра наменети за Будимпешта од заедничкиот буџет на блокот од 1,1 трилиони евра за периодот 2021-2027 година.

Тоа ќе биде прв ваков потег на ЕУ во рамките на новите финансиски санкции наречени „пари за демократија“ договорени пред две години токму како одговор на политиката на Орбан, како и на неговите сојузници во Полска, кои се откажаа од либерал- демократските принципи во блокот.

Европскиот парламент гласаше со 433 „за“ и 123 „за“ да го одобри извештајот во кој се наведува дека „постои јасен ризик од сериозно прекршување од страна на Унгарија на вредностите на кои се заснова (Европската) унија“.

Во документот се наведува дека состојбата на вредностите во Унгарија, вклучително и демократијата и основните права, дополнително се влошила од 2018 година преку „намерни и систематски напори на унгарската влада“ и неактивноста на ЕУ.

„Ситуацијата се влоши така што Унгарија стана „изборна автократија“, а не демократија, се вели во соопштението на Европскиот парламент.

„Заклучокот од извештајот е јасен и неотповиклив: Унгарија не е демократија... Ова треба да биде повик за будење за Советот и Комисијата“, рече известувачката за ова прашање, Гвендолин Делбос-Корфилд.

Европратениците истакнаа дека членот 7 не бара едногласноста на членките да идентификува јасен ризик од сериозно прекршување на вредностите на ЕУ, ниту пак да даде конкретни препораки и рокови.

Тие, исто така, изјавија дека натамошното одложување на акцијата според член 7 со цел да се заштитат вредностите на ЕУ во Унгарија би претставувало кршење на принципот на владеење на правото од страна на самиот Совет.