Рускиот претседател Владимир Путин денеска рече дека разбира дека Си Џинпинг има прашања и загриженост за ситуацијата во Украина, но го пофали кинескиот водач за, како што рече, „балансираниот“ став за конфликтот.
На нивната прва средба лице в лице по војната, Си го нарече Путин негов „стар пријател“ откако рускиот претседател рече дека обидите на Соединетите Држави да создадат униполарен свет ќе пропаднат.
„Ние многу ја цениме балансираната позиција на нашите кинески пријатели кога станува збор за украинската криза“, му рече Путин на Си.
„Ги разбираме вашите прашања и грижи во врска со ова. За време на денешниот состанок, се разбира, ќе ја објасниме нашата позиција“, посочи рускиот претседател.
- Телефонски разговор на Џинпинг со Путин - Кина ја повтори поддршката за Русија
- Молк од Кина за извештаите за руски злосторства во Украина
Првите изјави на Путин за кинеската воена загриженост доаѓаат само неколку дена по катастрофалниот пораз на неговите сили во североисточна Украина.
Кина се воздржува да ја осуди операцијата на Русија против Украина или да ја нарече „инвазија“ во согласност со линијата на Кремљ, кој ја опишува војната како „специјална воена операција“.
Десетици илјади луѓе загинаа за време на руската инвазија на Украина, а глобалната економија е втурната во непознати води со зголемените цени на храната и енергијата во услови на најголемата конфронтација на Москва со Западот од Студената војна.
Последен пат кога Си и Путин се сретнаа лично, само неколку недели пред Русија да ја нападне Украина на 24 февруари, тие прогласија партнерство без граници и се согласија да соработуваат повеќе против Западот.
Сепак, Пекинг е загрижен за влијанието на војната во Украина врз глобалната економија и внимаваше да не обезбеди материјална поддршка за Русија што може да предизвика западни санкции врз кинеската економија.
Партнерството Си-Путин се смета за едно од најзначајните во геополитичкиот развој по спектакуларниот подем на Кина во последните 40 години.