Левица ќе поднесе нова иницијатива за референдум против Договорот со Бугарија, соопшти денеска пратеникот Борислав Крмов на прес- конференција во Собранието. Највисоките органи на партијата вчера дискутирале за оваа тема, но не прецизирале како ќе гласи референдумското прашање.
Крмов рече дека ако собранискиот претседател Талат Џафери ја отфрли и оваа иницијатива, заедно со ВМРО-ДПМНЕ најавуваат целосна блокада на Собранието.
„Не може да станува збор за неуставност за Договор што може да се укине од Влада со обичен писмен допис, а тоа го предвидува член 13 од Договорот за добрососедство на Бугарија. Ако Џафери се обиде да ја одбие и оваа иницијатива, Левица ќе премине на тотална блокада на Собранието. Имаме договор со ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе доведеме до целосна парализа на Законодавниот дом. Тоа значи блокирање на сите Комисии и на сите пленарни седници, односно ќе се преземат сите опции додека не застане Законодавниот дом и ова самоволие не се прекине“, изјави Крмов.
- Еден Устав, многу толкувања за референдумот
- Џафери ја отфрли иницијативата за референдум, ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека се прави уставен судија
Инаку, лидерот на Левица, Димитар Апасиев вчера повика на целосна блокада на Собранието поради односот на Џафери кој ја отфрли иницијативата за референдум и кажа дека тоа било спротивно на Уставот. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека спикерот се однесува како уставен судија.