Тијана и Климент од Охрид: Можеме да стигнеме до НАСА

Илустрација - Фотографија од посетата на Флорида, САД

Младите охриѓани Тијана и Климент го посетија вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА откако победија на минатогодишното издание на NASA Space Apps Challenge во Македонија. По ова искуство, веруваат дека НАСА не е така далеку на патот до нивниот истражувачки сон

Тијана Костовска и Климент Младеноски од Охрид, приватно се пар, а професионално тим со исти интереси за истражување. Машинските инженери кои дипломирале на отсекот мехатроника на Машинскиот факултет во Скопје, сега се на мастер студии во Гронинген, Холандија, на смерот напредна инструментација, со државна стипендија од Министерство за образование и наука, за втор циклус студии во топ 100 универзитети.

„Навистина како што ни оди во приватниот живот, така ни оди и на професионален план. Се надополнуваме во проектите. Кога имавме проекти на факултет, многу ни беше полесно и се разбиравме што точно сакаме да направиме“, изјави Костовска за РСЕ.

Следењето на заеднички предизвици ги однесе и до најголемиот хакатон во светот организиран од Американската агенција за вселенски истражувања NASA, „NASA Space Apps Challenge“ и како предводници на победничкиот тим од Македонија „TeamySeed“, добија шанса да го посетат вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА.

„Секоја година гледавме што има на NASA Space Apps, но бидејќи не бевме чисто програмери, повеќе сме по инженерско програмирање, малку не ни се погодија темите претходните години, ама оваа година имаше тема што беше многу блиска до тоа што сакаме да го правиме и за кое веќе имаме истражувано, а тоа беше да се најде решение за растење на растенија во вселената“, истакна 24-годишната Костовска.

Видете и ова: Од Скопје, преку облаците, цели кон НАСА

Имале само 48 часа да дојдат до решение, а дека победата ќе значи и карта за НАСА дознале само два часа пред почетокот на натпреварот, па тоа им било екстра мотивација во последен момент. Се фокусирале на решение за одгледување на спанаќ, бидејќи има нутриенти што им недостасуваат на астронаутите.

На лице место, во вселенскиот центар се запознале со нивните мисии и животни приказни. Во тоа им помогнал коментаторот на лансирања на ракети во вселената, Стив Еџид, кој има и 28-годишно искуство во контрола и оптимизација на лансирање за мисиите на спејсшатлот и ракетите „Делта“ и „Атлас“. Тој им направил ексклузивна тура.

„Многу беше интересно тоа што го имавме Стив да ни објаснува за тоа што, зошто и како се случувало, кои биле реалните проблеми што ги имале при тие мисии. Тој лично се знае со астронаутите, па можеше да ни каже и некои детали од нивните живот, што нè доведе уште поблиску до она што го видовме таму“, додаде студентката.

Виделе и примерок од ракетата „Сатурн 5“ висока дури 110 метри, или колку зграда од 36 ката.

„Во еден дел разгледувавме за минатото, односно за хероите кои биле во НАСА, но и за иднината, односно што поточно планира НАСА и како подобро да се истражи вселената. Ја видовме вистинската ракета „Сатурн 5“ и тоа ни беше шокирачки, бидејќи првично мислевме само дека е модел, но кога ни кажаа дека всушност е вистинската, бевме шокирани“, сподели Климент Младеноски, во изјава за РСЕ.

Имале и ретка можност да го проследат и враќањето на ре-употребливата ракета на „Спејс Екс“ на космодромот „Кејп Канаверал“.

Колку е далеку НАСА?

Искуството во Флорида, САД, направило да мислат дека НАСА и не е така далеку.

„Не ја чувствуваме НАСА како недостижна. Барем така сакаме да мислиме.Предизвиците ќе ги прифаќаме така како што ќе доаѓаат, но по последново искуство би сакале да видиме како е да се работи за НАСА“, потенцираше Тијана.

„Се запознавме и со лидерите на „Веџи“, што всушност е моменталниот тим во НАСА кој работи на растење на растенија во вселената, односно експертите баш на темата на која работевме. И тие ни дадоа специфични упатства и остваривме контакт што може да ни отвори можност подоцна да соработуваме“, додаде 23-годишниот Младеноски.

Македонското образование како подлога на патот до НАСА

Нема разлика помеѓу квалитетот на нашиот наставен кадар и оној надвор од државата, особено на техничките факултети, се согласуваат Тијана и Климент.

„Кај нас, особено на техничките факултети, знаењето што го добиваме е повеќе од доволно, дури и за НАСА, бидејќи програмите се скоро исти како и секаде. Секоја цел е возможна, само ако се вложиш во самата мисија“, истакна Климент.

„Сме работеле на проекти со таква тежина, што можеби и ете да речеме некаде на Запад не би се нафатиле да ги работат. Младите не треба никогаш да се откажуваат и да мислат дека нешто згрешиле ако останат во државата“, додаде Тијана.

Сега се прва, а во втора година на мастер треба да направат избор меѓу инженерска медицина и инженерство поврзано со вселената.

„Нашава струка е баш погодна за НАСА, особено кога тоа го открија луѓето кои ги запознавме таму, рекоа дека ќе имаме супер прилика тоа да го оствариме“, заклучи младиот охриѓанец.

Решението со кое победија на натпреварот NASA Space Apps Challenge во Македонија, засега е само теоретско, но споделија дека би сакале да се обидат да направат барем дел од прототип на самиот систем. Во меѓувреме се надеваат дека ќе останат во контакт со научниците од НАСА, со кои разговарале за предизвиците на патот до нивното решение.

Во тек е пријавување за 10 годишното јубилејно издание на натпреварот NASA Space Apps Challenge во Македонија, кое ќе се одржи од 30-ти септември до 2-ри октомври.

Од NASA Space Apps Challenge велат дека хакатонот е отворен за сите иноватори, програмери, инженери, дизајнери, претприемачи, научници, раскажувачи на приказни, креатори, градители, уметници и технолози кои организирани во локални тимови ќе работат 48 часа за да ги решат овогодинешните предизвици зададени од експертите на НАСА и нема ограничување по возраст. Освен во категоријата за учесници со најмалку 15 години, може да се учествува и во младинската (11-14 години) или детската категорија (5-10 години).

Во Македонија натпреварот традиционално се одржува од 2013 година, во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје.