Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин денеска треба да се сретнат за прв пат од почетокот на руската инвазија врз Украина. Состанокот меѓу Џинпинг и Путин ќе се оддржи во рамките на самитот на Шангајската организација за соработка, во рамките на политичкиот, економскиот и безбедносен форум што денеска и утре се одржува во Узбекистан. Оваа средба, според познавачите, треба да доведе до јакнење на нивната позиција дома и во странство, како и во меѓусебните односи на двете земји наспроти либералните демократски вредности, анализираат странските медиуми.
Телефонски разговор на Џинпинг со Путин - Кина ја повтори поддршката за Русија
Нивната последна средба беше на Олимписките игри во Пекинг во февруари неколку дена пред Кремљ да ги испрати своите трупи во Украина. Двајцата претседатели тогаш надгледуваа потпишување на меморандум со кој е нагласено дека во нивните меѓусебни односи „нема да има ограничувања“. Иако Москва и Пекинг во минатото ја отфрлаа можноста за создавање на воен сојуз, Путин изјави дека таквата перспектива во иднина не може да се отфрли во целост. Тој додаде дека Русија споделува со Кина многу чувствителна воена технологија што и помогнало на Москва во значајно јакнење на одбранбените способности.