Во Скопје денеска продолжува вчера започнатата средба на Мешовитата историска комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија. Главна точка на средбата, според најавите, се македонските учебници по историја за 7-мо одделение и што би можело да се промени во нив. На претпоследниот состанок за оваа година, македонските и бугарските историчари се фокусираат врз 10-иот и 11-иот век, а се очекува расправа и за рано османлискиот период. Дводневната средба се одржува во македонското МНР.
Препораки за промена во учебници во Софија и Скопје и заедничко чествување на историски личности
Во минатиот месец, Мешовитата комисија усвои и објави препораки кои се однесуваат на учебниците по историја за 6-то одделение во Македонија и 5-ти клас во Бугарија. Во овие учебници треба да се менуваат лекциите за античкиот период, а беа усвоени и текстови врз кои заеднички ќе се слават Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил. По ова следуваа реакции од македонските интелектуалци кои меѓу другото сматаат дека во учебниците ќе се шири софиската верзија на историјата, што подоцна беше демантирано од македонските историчари во комисијата. Ова е четврта од предвидените пет средби за оваа година.