Лидери, судии, тајкуни...
РУСИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека рускиот претседател Владимир Путин не го сменил својот став за инвазијата на Украина. „За жал, не можам да ви кажам дека се зголемило чувството дека беше грешка да се започне оваа војна. Немаше индикации дека има нови ставови“, рече Шолц на денешната прес-конференција, откако одржа еден и пол часовен телефонски разговор со Путин.
МАКЕДОНИЈА - Земјата е подготвена за успешен и брз преговарачки процес, особено што веќе долго време се усогласува со законодавството на ЕУ, истакнал министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата членовите на групата од Советот на ЕУ надлежни за процесот на проширување и односите со земјите кои преговараат за членство – КОЕЛА (COELA). Групата е во дводневна посета на Македонија.
БУГАРИЈА - Русија се обидела да влијае на бугарската политика во однос на ЕУ и енергијата, се наведува во извештајот на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) на Бугарија. Годишниот извештај е објавен на веб-страницата на владата и на службата за безбедност.
УНГАРИЈА - Лекари и дел од опозициските партии во Унгарија протестираа во средата против очекуваната промена на правилата за абортус, јавува Ројтерс. Новите правила предвидуваат жените пред да се одлучат на абортус да го слушнат срцебиењето на фетусот.
МАКЕДОНИЈА - Предметот за работа во недела поднесен до Уставниот суд не помина на денешната седница, оти немало мнозинство гласови. Судот наместо со девет члена, работи со пет, а еден од судиите се изјаснил дела нема да го поддржи рефератот за работа во недела.
РУСИЈА - Главниот менаџер на руската корпорација за развој на Далечниот Исток и Арктикот (КРДВ), Иван Печорин, е пронајден мртов откако минатиот викенд медиумите објавија дека паднал од моторен чамец во Јапонското Море во близина на градот Владивосток. Компанијата во соопштение наведува дека неговото тело било пронајдено на 12 септември. Смртта на Печорин е последната во низата мистериозни смртни случаи меѓу руските тајкуни во периодот непосредно пред или за време на руската инвазија на Украина.
АВГАНИСТАН - Американското Министерство за финансии соопшти дека ќе префрли средства во вредност од 3,5 милијарди долари, кои ѝ припаѓаат на Авганистанската централна банка, на нов фонд во Швајцарија, кој има за цел да вложи пари во земјата разурната од војна без да помине преку талибанците кои се на власт.
УКРАИНА - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, отпатува во Изјум, еден од најголемите градови што неодамна повторно беше вратен под украинска контрола. Украинската војска во соопштение објавено на социјалните мрежи наведува дека Зеленски заедно со воените претставници „учествувале“ на церемонијата на подигнување на украинското знаме над ослободениот град, што беше клучен за амбициите на Русија да го заземе регионот Донбас.
СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека сметал оти разграничувањето било решение за Косово и Метохија, но дека повеќе не мисли така бидејќи околностите биле сменети. Тој одговарајќи на прашање во српското Собрание за тоа кое е неговото решение, рече дека денес гледа како реално да ја согледа позицијата, бидејќи политичката ситуација се променила во последните 28 години, „не само по наша волја, туку и по волја на големите сили“.
МАКЕДОНИЈА - Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка донесе одлука каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 процентни поени до нивото од 3 насто, а понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. При носењето на одлуката беа земени предвид движењата кај инфлацијата, којашто и во август се зголемуваше, но поумерено. Овие измени би придонесле за натамошно поттикнување на штедењето во домашна валута, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките во корист на понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи.
САД / ЕУ - Вториот највисок суд во Европската унија со големо мнозинство ја потврди рекордната казна против Гугл поради оперативниот систем за мобилни телефони Андроид. Во својата денешна одлука, Општиот суд на Европскиот суд на правдата ја потврди одлуката од 2018 година на извршната комисија на ЕУ за наметнување парична казна против Гугл, но ја намали на 4,1 милијарди евра од 4,34 милијарди евра. Во својата првична одлука, Комисијата соопшти дека практиките на Гугл ја ограничуваат конкуренцијата и го намалуваат изборот на потрошувачите.
ВАТИКАН - Папата Франциск ги предупреди лидерите од различни вери дека религијата не може да се користи за да се оправда „злото“ на војната, што претставува, според некои посматрачи, своевидна критика на Руската православна црква, која го поддржа претседателот Владимир Путин за време на неговата неиспровоцирана инвазија врз Украина.
ЕУ - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Европската унија не е целосна без земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, нагласувајќи дека патот кон членството и патот до силни демократии се едно исто. Во својот годишен говор за состојбата на ЕУ, фон дер Лајен ја изрази својата поддршка за иницијативата на Европската политичка заедница и најави дека Комисијата ќе ги претстави своите идеи пред Европскиот совет.