Лекари и дел од опозициските партии во Унгарија протестираа во средата против очекуваната промена на правилата за абортус, јавува Ројтерс. Новите правила предвидуваат жените пред да се одлучат на абортус да го слушнат срцебиењето на фетусот.
Националистичкиот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, кој беше реизбран во април, се соочува со најтешкиот мандат на власт од доаѓањето во 2010 година.
Партијата на Орбан, Фидес ја измени дефиницијата за семејство во Уставот со што им се забранува на истополовите двојки да посвојуваат деца, а партијата е вклучена и во правна битка со извршната власт на ЕУ околу законот со кој се ограничуваат правата на ЛГБТИлуѓето.
Министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, неделава поднесе амандман на правилата за абортус со кои се бара од бремените жени да достават докази од своите лекари дека фетусот имал знак на живот, што нашироко се толкува како слушање на чукањето на срцето на фетусот.
Промените беа донесени со владин декрет и треба да стапат на сила во четврток.
Унгарската лекарска комора соопшти дека во голема мера процедуралните промени не се спротивставуваат на нејзиниот етички кодекс заснован на заштита на животот.
Сепак, се вели дека владата на Орбан требало да започне социјален дијалог пред да ги спроведе. Оваа практика на нагли промени на клучни закони е често критикувана.
Опозициската партија Јобик ги поздрави како што наведува„ про-живот“ промените, но критикуваше што претходно немало консултации.
Либералната опозициска партија Парбешед рече дека измените се неприфатливи и го повика министерот за внатрешни работи да го повлече указот.