Уште еден руски тајкун почина во низата на чудни смртни случаи

Иван Печорин, главен менаџер на руската корпорација за развој на Далечниот Исток и Арктикот (КРДВ).

Главниот менаџер на руската корпорација за развој на Далечниот Исток и Арктикот (КРДВ), Иван Печорин, е пронајден мртов откако минатиот викенд медиумите објавија дека паднал од моторен чамец во Јапонското Море во близина на градот Владивосток.

Компанијата во соопштение наведува дека неговото тело било пронајдено на 12 септември.

Смртта на Печорин е последната во низата мистериозни смртни случаи меѓу руските тајкуни во периодот непосредно пред или за време на руската инвазија на Украина.

На почетокот на септември, од Лукоил, најголемата руска приватна нафтена компанија и една од ретките кои се противат на војната на Кремљ во Украина, соопштија дека нивниот претседател Равил Маганов починал во Москва по „сериозна болест“, додека локалните медиуми објавија дека 67 годишниот тајкун починал откако паднал од прозорец во болница.

Во мај, руските медиуми објавија дека поранешниот висок менаџер на Лукоил, Александар Суботин, бил пронајден мртов во подрумот на една куќа во градот Митишчи, во близина на Москва.

Неколку недели пред тоа, Вагит Алекперов, основачот и косопственик на Лукоил поднесе оставка откако тој и другите руски тајкуни беа погодени од санкции од Австралија и Велика Британија поради инвазијата на Москва на Украина.

Истиот ден медиумите објавија дека поранешниот генерален директор на рускиот гасен гигант Новатек, Сергеј Протошења, неговата сопруга и ќерка биле пронајдени мртви во изнајмена вила во градот Лорет де Мар во близина на Барселона.

Неколку други руски бизнисмени и нивните семејства, исто така, беа пронајдени мртви под неразјаснети околности откако Русија ја започна својата агресија врз Украина.

Генералниот директор на КВРД Игор Носов почина на 8 февруари на 43-годишна возраст. Официјално беше објавено дека смртта била предизвикана од мозочен удар.