Отворањето на преговорите е почеток на нова ера, ќе бидеме со вас на секој чекор, рече денеска Јавурек Леош кој ја предводи Работната група на Советот на ЕУ, задолжена за проширување и за земјите коишто преговараат за пристапување (КОЕЛА).
Тој на средбата со претседателот на Собранието и со членовите на Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања рече дека е важно членовите на овој Совет на ЕУ да бидат информирани за подготовките на земјава, за да добијат целосна слика, оти членовите се тие кои ги подготвуваат одлуките што потоа ги носи Советот.
Леош вели дека ќе има многу прашања кои во текот на преговорите ќе треба да се разгледаат и многу поглавја кои ќе треба да бидат отворени, да се преговара за нив и да бидат затворени, како што е примерот со животната средина и прашањето на аерозагадувањето во Скопје, а групата ќе следи и потоа и ќе одлучува дали чекорите што се преземаат во земјава се доволни, формирајќи ја позицијата на Советот.
Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Дејвид Гир рече дека утре ЕК ќе почне со длабински објаснувачки скрининг, кој ќе заврши до ноември.
Билатералниот скрининг кој ќе почне во ноември ќе го покрие целокупниот спектар на европски политики и законодавство, кој е организиран врз основа на новата методолгија во шест кластери и 33 поглавја. Овој процес подразбира мобилизирање на државните институции и целото општество, а Собранието, вели, ќе има значајна улога за овој процес.
Работната група за проширување и за земјите кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА) е во дводневната посета на земјава. Претставниците имаа средби со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот и главен преговарач Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, а ќе имаат средби и до претставници на граѓански организации.
Македонија на 19 јули одржа меѓувладина конференција со ЕУ, но почеток на преговорите со ЕУ по кластери ќе почне откако ќе бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, за што е потребно двотретинско мнозинство.