Турција го укина безвизниот режим за граѓаните на Туркменистан

Туркменистански пасош.

На барање на владата на Туркменистан, Турција го суспендираше безвизниот режим за државјаните на оваа централноазиска земја.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 13 септември ја потпиша владината одлука со што стана закон.

Туркменското Министерство за надворешни работи на почетокот на септември соопшти дека побарало од Анкара „привремено“ да бара визи за туркменските државјани „за да го подобри системот за регулирање на престојот на туркменските државјани во Република Турција“.

Многу туркменистански граѓани кои живеат во Турција на овој потег гледаат како на обид да се спречи присуството на туркменски активисти за човекови права во земјата.

Досега туркменските граѓани можеа да останат во Турција без виза 30 дена. Сепак, на Туркменците им беше лесно да го продолжат својот легален престој во земјата со добивање работни дозволи или долгорочни визи.

Според турската државна миграциска служба, до 1 септември имало околу 230 илјади туркменистански државјани кои постојано престојуваат во земјата. Сепак, неофицијални извори велат дека бројот може да биде неколку пати поголем, бидејќи во Турција има многу илегални туркменистански државјани.

Барањето на туркменското Министерство за надворешни работи доаѓа на помалку од три месеци откако група туркменистански државјани во Турција поднесоа тужба против поранешниот туркменистански претседател Гурбангули Бердимухамедов и други високи функционери, обвинувајќи ги за кршење на нивните човекови права.

Минатиот месец, пет туркменистански активисти за човекови права беа нападнати на територијата на Туркменскиот конзулат во Истанбул додека се обидуваа да достават писмо адресирано до претседателот Сердар Бердимухамедов во знак на протест против ситуацијата со човековите права во поранешната советска република, која е богата со енергенси.

Туркменистан е една од најрепресивните земји во светот.