Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, отпатува во Изјум, еден од најголемите градови што неодамна повторно беше вратен под украинска контрола.
Украинската војска во соопштение објавено на социјалните мрежи наведува дека Зеленски заедно со воените претставници „учествувале“ на церемонијата на подигнување на украинското знаме над ослободениот град, што беше клучен за амбициите на Русија да го заземе регионот Донбас.
Зеленски претходно во своето ноќно обраќање на 13 септември рече дека Украина има целосна контрола на повеќе од 4.000 квадратни километри од територијата што беше вратена од руските сили и дека стабилизира уште 4.000 квадратни километри.
„Се движиме само во една насока - напред и до победа“, рече тој во објавата на социјалните мрежи по неговата посета.
Украинската војска ги потисна руските сили од стотици градови и населени места во североисточниот дел на земјата, а Зеленски рече дека стабилизацијата на ослободените заедници е во тек.
Денеска шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ќе отпатува за Киев подоцна на 14 септември.
Тоа ќе биде трета посета на фон дер Лајен на Киев од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари.