Папата Франциск ги предупреди лидерите од различни вери дека религијата не може да се користи за да се оправда „злото“ на војната, што претставува, според некои посматрачи, своевидна критика на Руската православна црква, која го поддржа претседателот Владимир Путин за време на неговата неиспровоцирана инвазија врз Украина. Говорејќи на седмиот конгрес на водачите на светските и традиционалните религии во главниот град на Казахстан, Нур-Султан, папата Франциск ги учесниците да се обединат во осудата на војната и верските оправдувања за неа. „Бог е мир. Тој нè води секогаш на патот на мирот, никогаш на патот на војната“, рече Франциск, кој не ги спомна Русија или Украина конкретно, во воведното обраќање. Патријархот Кирил, кој изрази поддршка за Путин и инвазијата, требаше да присуствува на конференцијата, но се повлече веднаш пред нејзиното одржување.
Рускиот патријарх ќе го прескокне верскиот конгрес во Казахстан каде требаше да се сретне со папата
Делегација на Руската православна црква, сепак, присуствува на настанот. „Светото никогаш не смее да биде реквизит за моќта, ниту моќта реквизит за светото!“ рече понтифот. Кирил испрати порака до конгресот, кој беше прочитан на состанокот, каде што тој предупреди на проблемите предизвикани од „обидите да се изгради свет без потпирање на моралните вредности“. Тој го критикуваше секуларниот менталитет на Западот и наведе дека конфликтот во Украина е посеан од странски закани за руските граници, притоа прикажувајќи го конфликтот како борба против странскиот либерален естаблишмент кој наводно бара од земјите да одржуваат „геј паради“ како цена за прием во свет на прекумерна потрошувачка и слобода. „Овие обиди доведоа не само до губење на концептот за правда во меѓународните односи, туку и до брутална конфронтација, воени конфликти, ширење на тероризам и екстремизам во различни делови на светот“, вели Кирил во својата порака.