Никој не може да ви забрани да прошетате в сабота, порача српската премиерка Ана Брнабиќ синоќа од Домот на младите во Белград, пред насобраните демонстранти од невладините организации на ЛГБТ припадници кои се собраа неколку часа по изречената забрана за одржување на маршот на ЕуроПрајд 2022. Активистите се собраа во центарот на Белград во знак на протест на одлуката на Министерството за внатрешни работи со која се забранува маршот на Парадата на гордоста кој беше најавен за 17 септември.
Српската полиција го забрани и маршот ЕуроПрајд и десничарскиот марш
Министерството во своето соопштение наведе дека нема да биде дозволено ни одржување на маршот во организација на десничарската неформална група „Антиглобалисти“ кој исто така беше закажан за в сабота на 17 септември. Оваа група ги организираше собирите против ЕуроПрајдот во Белград. „Проценето е дека постои опасност дека ќе дојде до напади и судири, како и опасност од насилство, уништување на имот и друг вид на нарушување на јавен ред и мир“, се вели во објаснувањето на српското МВР. Како што објавија организаторите на ЕуроПрајд, одлуката за забрана за одржување на маршот на парадата им била врачена вчера.
Отворен „ЕвроПрајд 2022“ во Белград
Во меѓувреме, десничарски групи како Двери и Националната патрола, со поддршка на Српската православна црква и нејзиниот патријарх, одржаа три улични протести во Белград на 11 септември за да извршат притисок врз официјални лица да го блокираат отворањето на неделата на ЕуроПрајд која стартуваше на 12 септември. Најавениот завршен марш на 17 септември за ЕуроПрајд 2022 треба да се одвива низ Белград, со старт од пред Собранието и со концерт во паркот на Калеменгдан за крај. Досега пријавени за учество се илјадници луѓе од Европа.