Украинската војска ги потисна руските сили од стотици градови и населени места во североисточниот дел на земјата, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека била во тек стабилизација на ослободените области. Зеленски во своето редовно обраќање рече дека Украина целосна контролира повеќе од 4.000 квадратни километри територија што беше вратена од руските сили и дека стабилизира уште 4.000 квадратни километри. Само еден ден претходно Зеленски наведе дека Украина повторно зазеде 6.000 квадратни километри во нејзината неодамнешна контраофанзива на североисток, каде што беа вратени десетици области, вклучувајќи ги градовите Изум, Купјанск и Балаклија.
Шолц го повика Путин да се согласи на прекин на огнот
Украинските сили во регионот Харкив од 6 септември повратија повеќе од 300 населени места, изјави заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар. Иако неодамнешните територијални промени означија еден од најголемите неуспеси на Русија откако нејзините трупи беа одбиени од Киев во раните денови на војната, Москва сигнализираше дека не е поблиску до договор за мир преку преговори, а Кремљ инсистира дека ќе ги постигне своите воени цели. Русија соопшти дека изведува напади преку линијата на украинскиот фронт и ги обвини украинските војници за злоупотреба на цивили во повторно заземените територии.