Власта бега од соочување со народот, а претседателот на Собранието Талат Џафери противправно си ја додели улогата на уставен судија, реагираше вечерва Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка во Собранието.
Џафери претходно ја отфрли иницијативата за референдум за договорот со Бугарија како неуставна. СДСМ ја поддржа неговата одлука.
„Џафери е шампион во кршење на Уставот за што не постои друг пример во светот. Иницијативата за референдум е во согласност со членот 24 од Законот за референдум и не е во спротивност на Уставот, а тој член дозволува распишување на референдуми“, рече Стојаноска.
„Не се работи за менување на меѓународен договор, референдумското прашање е дали сте за престанок на важењето на договор со Бугарија“, рече таа.
Видете и ова: Уставни измени се потребни, но со реална анализа и без притисоциСтојаноска нагласи дека ова дополнително ќе ги заостри односите во Собранието за што виновна ќе биде власта.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, претходно ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за поништување на договорот со Бугарија како неуставна.
Во одговорот до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Џафери пишува дека иницијативата за референдум не е во согласност со Уставот во кој е утврдено дека меѓународните договори што се ратификувани од Собранието се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.
ВМРО-ДПМНЕ достави иницијатива за референдум пред четири дена, но Џафери беше надвор од земјата.
Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ е за задолжителен референдум на државно ниво за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Видете и ова: Какви ќе бидат последиците ако не успее референдумот на ВМРО-ДПМНЕ?Координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митрески на прес-конференција ја поддржа одлуката на Џафери да ја одбие иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум поради тоа што, како што велат од партијата, е неуставна.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и формира Влада, тогаш може да го раскине Договорот“, рече тој.
Тој рече дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и тесното партиско раководство со иницијативата се обидуваат да се затскријат зад народот и да ги спасат своите фотелји во партијата.
„По сите консултации со експерти што ги имавме изминатиот период ние тврдиме дека ова не е уставно. Ние во минатото во 2018 година сме изгласале Закон за ратификација за Договорот за добрососедство со Бугарија. Таков е законот кој сме го изгласале. Согласно член 118 од Уставот не може со закон да се поништи закон за ратификација на Меѓународен договор. Во членот 13 став 3 од Договорот стои дека тој што го потпишал, во случајот Владата може да го раскине и за тоа да ја извести другата страна“, рече Митрески.
Според него, Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивно на македонскиот Устав само за да создава тензии и да го манипулира народот.
Договорот за добрососедство со Бугарија беше потпишан во 2017, а Собранието го ратификуваше на почетокот на 2018 година. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа седницата.
Бугарија потоа го блокираше почетокот на македонските евроинтеграции со тврдење дека договорот не се почитува.
Франција годинава предложи откочување на евроинтеграциите со тоа што дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ. Францускиот предлог предизвика протести во Скопје, зашто опозицијата смета дека прифаќањето ќе го „бугаризира“ преговарачкиот процес.
Македонија одржа меѓувладина конференција со ЕУ, но за фактички почеток на преговорите со ЕУ е потребно внесување на Бугарите во македонскиот Устав, а власта го нема потребното двотретинско мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставните измени.