Уапсени руски учители во Украина

Илустрација: Лист со украинската азбука

Украинските власти уапсиле неодреден број руски учители кои се преселиле во украинските градови и населени места откако Русија ја презеде контролата врз нив, по стартот на инвазија кон крајот на февруари.

Наставниците, кои се преселиле во Украина за да предаваат по руски наставен план во локалните украински училишта „извршиле кривично дело“, рече на 12 септември, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

„Се разбира, судот ќе одлучи за нивната казна, но на територијата на нашата земја сè уште има голем број руски државјани кои дошле на привремено окупирани територии и тие сигурно ќе се соочат со правдата доколку веднаш не ја напуштат нашата територија“, рече Верешчук.

Таа додаде дека приведените руски учители нема да се најдат на списоците за размена на затвореници, бидејќи тие не се борци.

Украинските медиуми на 10 септември објавија дека неодреден број руски учители останале во Украина, откако руските трупи и официјални претставници назначени од Русија побегнаа од неколку градови и села во регионот Харкив по контраофанзивата на украинските вооружени сили.

Украинскиот пратеник Олексеј Хончаренко претходно изјави дека руските учители биле приведени во градот Купјанск во областа Харкив.