Двајца директори на јавни претпријатија кои се под капа на Градот Скопје денеска си поднесоа оставки. Станува збор за вршителот на должност директор на Јавното претпријатие Градски паркинг Бојан Христовски и неговиот колега директорот на Јавното претпријатие „Дрисла“ Јане Мицевски.
Христовски објаснувањето за потегот го објави преку социјалната мрежа Фејсбук, а го пренесе Центарот за комуникации на ВМРО- ДПМНЕ. Неговата оставка доаѓа на само еден ден откако градоначалничката на Скопје Данела Арсовска отпушти двајца вд функционери, директорот на скопското јавно претпријатие „Водовод“ Златко Пирински и генералниот секретар на Град Скопје Ѓоко Велковски. Христовски си поднесува оставка по само 8 месеци од неговото именување на функцијата.
Тендерот за Пречистителна станица ги скара Арсовска и Мицкоски?
„Поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – Скопје“, се вели во неговата објава.
Тој посочува дека постоела нарушената координација со градоначалничката и дека тоа е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а на штета на граѓаните. Тој вели дека не сака да биде дел од систем каде приоритет не се „нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот“
„Дополнително вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи истите беа експресно „елиминирани“, вели Христовски.
Мицкоски: Велковски и Перински имаат моја недвосмислена поддршка
Според него, во игра се индивидуални интереси и тоа покажува дека не им се посветува внимание на она што им беше ветено на граѓаните за модерно Скопје.
Со сличен став се јави и Мицевски кој вели дека клучен проблем било немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај, како што тврди бројните обиди тоа да биде сменето.
„Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје. Поради сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на Дрисла“, вели Мицевски.
Оставките на Мицевски и Христовски следуваат по несогласувањата меѓу градоначалничката и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која и ја даде поддршката на Арсовска за време на локалните избори.