Најмалку 49 ерменски војници загинаа во судири со Азербејџан

Најмалку 49 ерменски војници загинаа во судири на границата со Азербејџан, јавува новинската агенција Франс прес. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека интезитетот на борбите утринава се намали, ама не прекина.

Жестоките судири меѓу ерменската и азербејџанската војска започнаа доцна во ноќта долж границата. И двете страни се обвинуваат меѓусебе која земја прва отворила оган.

„Во вторникот во 00:05 часот , Азербејџан започна интензивно гранатирање, со артилерија и огнено оружје од голем калибар, против ерменските воени позиции во правец на градовите Горис, Сотк и Џермук“, соопшти ерменското Министерство за одбрана. Во соопштението се вели дека Азербејџан користел и беспилотни летала.

Но, Министерството за одбрана на Азербејџан ја обвини Ерменија за „големи субверзивни акти“ во близина на областите Дашкесан, Келбајар и Лачин на границата, додавајќи дека нејзините армиски позиции „биле под оган, вклучително и од минофрлачи од ровови“.

Соединетите Држави повикаа на прекин на конфликтот, при што државниот секретар Антони Блинкен рече дека САД се „длабоко загрижени“ поради ситуацијата, вклучително и „пријавените напади врз населбите и цивилната инфраструктура“ во Ерменија.

Жестоки судири меѓу Азербејџан и Ерменија, САД апелира за прекин на нападите

Соседите водеа две војни - во 1990-тите и во 2020 година - за регионот Нагорно-Карабах, азербејџанската енклава населена со Ерменци.

Шест недели борби во есента 2020 година однесоа повеќе од 6.500 животи и завршија со прекин на огнот со посредство на Русија.