Политичари, режисери, дрога...

МАКЕДОНИЈА - Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска информира дека во „Макстил“ биле уништени околу десет тони различни видови на наркотични дроги одземени до август 2022 година.

МАКЕДОНИЈА - Жители на скопската општина Шуто Оризари денеска протестираат против, како што велат, систематското игнорирање на општината од страна на Советот и раководството на Град Скопје. Протестот започна кај паркот кај големата џамија во Шуто Оризари, а ќе заврши пред Град Скопје. Протестот се одржува под слоганот „Шуто Оризари – Заборавена општина!“.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за образование и наука (МОН) досега не доставило до Агенцијата за заштита на лични податоци известување за нарушување на безбедноста на личните податоци. Пред два дена веб страницата на Министерството за образование беше цел на хакерски напад. Неколку часа на веб страницата на ова министерство стоеше пораката „Хакирано од грчкиот хакерски тим Netwatchers“.

СЛОВЕНИЈА - Словенечкиот претседател Борут Пахор, кој заедно со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ беше домаќин на денешниот самит на Процесот Брдо-Бриони на Твитер ги објави донесените заклучоци со кои се бара забрзување на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан и барање кандидатски статус за членство во ЕУ за Босна и Херцеговина и безвизен режим за целиот Западен Балкан до крајот на 2022 година.

УКРАИНА - Украина и Русија изразиле интерес за предлогот изнесен од страна на ОН за создавање заштитна зона околу нуклеарната централа Запорожје, која е окупирана од Русија.

СРБИЈА - Манифестација „Европрајд 2022“ стартуваше денеска во Белград со кревање на знамето со виножито пред Палатата Србија. На меѓународната конференција за човекови права покрај големиот број странски гости, дипломати, претставници на странски влади, ќе бидат организирани и голем број изложби, активистички, едукативни, културни и забавни настани. Според најавите на организаторите, „Неделата на гордоста“ во Белград треба да заврши во сабота на 17 септември со прошетка на учесниците.

МАКЕДОНИЈА - ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, без разлика на резултатот од референдумот. Ова денеска го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на одговори на новинарски прашања. Тој денеска изјави оти верува во успешноста на референдумот, но нагласи дека без разлика на резултатот, дури и да не успее, партијата нема да поддржи промена на Уставот под овие околности.

РУСИЈА - Вршителката на должност шеф на ОН за човекови права Нада ал Нашиф го осуди однесувањето на Русија со кое смета дека ги поткопува основните слободи со „застрашувачки“ гласови кои се противат на неиспровоцираната инвазија на земјата на соседна Украина. Отворајќи го почетокот на новата седница на Советот за човекови права на ОН (УНХРЦ) на 12 септември, Ал-Нашиф ги осуди „заплашувањето, рестриктивните мерки и санкциите против луѓето кои изразуваат противење на војната во Украина“.

АЗЕРБЕЈЏАН - Азербејџан ќе го зголеми извозот на гас во Европа оваа година за 30 отсто, бидејќи ЕУ се обидува да ја намали зависноста од рускиот енергенс поради инвазијата на Кремљ врз Украина.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓорѓиевска ќе присуствуваат на државниот погреб на британската кралица Елизабета Втора, што ќе се одржи на 19 септември во Лондон, информираат од неговиот кабинет.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за правда денеска најави дека во наредниот период ќе поднесе нови барања за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден и обвинет за неколку случаи, а престојува како азилант во Унгарија. Барања за екстрадиција повторно ќе бидат поднесени и за Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, осудени на доживотен затвор за случајот „Монструм“, кои се во бегство во Косово.

КИНА - Бројот на загинати при силниот земјотрес на 5 септември кој го погоди Сечуан во западниот дел на Кина порасна на 93. Потрагата по преживеани се уште е во тек. Земјотресот беше со интезитет од 6,8 степени по Рихтеровата скала предизвика сериозна штета во автономната област Ганза. По првиот удар, следуваат илјадници други послаби потреси во текот на изминатата недела. Од 2 700 послаби земјотреси кои биле регистрирани за една седмица како афтершокови само еден бил забележан со посилен интезитет од 4,5 степени.

ИТАЛИЈА / ИРАН - На затворениот ирански режисер Џафар Панахи викендов му беше доделена Специјалната награда на жирито на филмскиот фестивал во Венеција за неговиот најнов филм „Без мечки“.  62-годишниот режисер Панахи беше затворен во јули, откако судот во Техеран пресуди дека тој мора да отслужи шестгодишна затворска казна што му беше изречена пред повеќе од една деценија за поддршка на антивладините демонстрации.